(Преземено од Битолски весник)

Битола ќе го слави својот 65 роденден, 4 Ноември, денот кога Битола ја огреа слободарското сонце. По тој повод деновиве со градоначалникот на Битола, Владимир Талески го реализиравме традиционалното четвртоноемвриско интервју.

Битолски весник:  

Господине Талески, како Вие како прв човек на градот  ја оценувате изминатата година меѓу двата родендени на Битола?

Владимир Талески:

 Иако речиси секој роденден на Битола го дочекуваме со реализирани бројни и крупни инвестициски проекти, слободно можам да кажам  дека и овој роденден на Битола го дочекуваме со реализација на значајни  активности, како на планот  на инфраструктурата, културата, така и на планот на промоцијата на Битола како конзулски град, која се повеќе станува дипломатски центар.

 

Б.В.:

Рековте дека значајни постигнувања се направени на планот на инфраструктурата. Кажете ни накусо на кои инфраструктурни проекти мислите?

В.Т.:  

Кога би ги набројувал реализираните активности на планот на инфраструктурата би ни требало многу простор. Но во оваа прилика ќе се обидам да ги апострофирам само дел од реализираните позначајни и поголеми инфраструктурни проекти.

Тука во прв план би ја спомнал изградбата на кружниот тек кај Дулието и изградбата на булеварскиот влез од Прилеп во Битола, кој е речиси завршен. Овој проект е еден од најзначајните што ги реализираме во овој период. По  пробивањето на улицата “Железничка” што беше сон на многу генерации битолчани, мислам дека изградбата на кружниот тек кај Дулието и изградбата на булеварскиот влез во градот од страната на Прилеп  ќе претставува значајна сообраќајница, која ќе реши голем број од проблемите во сообраќајот. На моја голема радост и особено на радост на граѓаните на Битола успеавме со максимално залагање на сите служби во локалната самоуправа да го започнеме и да го реализираме  овој голем и значаен инфраструктурен проект. Мислам дека тоа што беше сон на многу генерации, Битола конечно да добие современо булеварско  сообраќајно решение веќе стана реалност. Тој проект  денес веќе е во завршна фаза.

Со изградбата на кружниот тек во голема мера ќе се  растовари и забрза сообраќајот  на тој дел во градот. Воедно со изградбата на кружниот тек ќе се подобри и безбедноста на учесниците во сообраќајот на нашите граѓани.

Инаку, паралелно со довршувањето на кружниот тек се работи и на вертикална и на хоризонтална сигнализација. Воедно, планираме во средишниот дел на кружниот тек да изградиме една прекрасна фонтана, која, според нашите планови, треба да биде реализирана во текот на идната година. Морам да нагласам дека овој проект го реализиравме по сугестија на нашите граѓани и стручните луѓе, кои ни сугерираа да направиме кружен тек кај Дулието.

Но, тука нема да застанеме. Оваа инвестиција продолжува во вториот дел на проектот, бидејќи, како што е познато, на овој дел од градот се работи во фази. Првата фаза беше изградбата на улицата “Железничка”, потоа проектот М-5, про-ширувањето на горниот дел од улицата “Иван Милутиновиќ”, а деновиве работиме на изгработка на техничката документација за пробивање на една мала улица од кружниот тек која ќе излегува кај Еврејските гробишта.  Во исто време ги средуваме сите тие парцели за евентуална изграда  на големиот супермаркет што треба да се гради во тој дел од градот.

Сметам дека со зафатите на овој дел од Битола, изградбата на улиците “Железничка”, “Прилепска” и реализацијата на  проектот М-5, како и со изградбата на улицата “Кукуш”,  Битола се стекна со значајни и крупни инфраструктурни проекти, кои во голема мера не само што  го подобрија сообраќајот во градот, туку придонесоа и за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Б.В.:

На кои други проекти работите во моментот?

В.Т.:  

Сакам да нагласам дека неодамна е започната  изградбата на продолжение на магистралниот пат М-5 од црквата “Св. Недела“ во должина од 750 метри.  Овој проект ќе се реализира со средства на Владата на Р. Македонија. Оваа изградба  покрај коловозната конструкција ќе ги опфати и другите фази (атмосферската канализација, уличното осветление), како и продолжување со промената на железнолиената водоводна цевка со дијаметар од 400 мм во полиетиленска. Договорено е ревитализи-рање на преминот преку железничката пруга на регионалниот пат за с. Новаци како продолжение на магистралниот пат М-5 со што ќе се овозможи полесно и побезбедно одвивање на сообраќајот.

Б.В.:

Кога може да се очекува оваа сообраќајница да биде целосно завршена?

В.Т.:

Морам да нагласам дека ние  во својата програма, која ја има усвоено Советот на Општината Битола имаме зацртано реализацијата на проектите да се одвиваат во фази. Тоа пред се зависи од средствата со кои располагаме во Буџетот на Општината, како и од други околности.  Тој е сосема различен проект од изградбата на кружниот тек.

Б.В.:

Со кои средства се реализира изградбата на кружниот тек?

В.Т.:

Кружниот тек на сообраќајот кај Дулието, кој спојува неколку улици е финансиран исклучиво од средства на Општината. Тука нема  други средства, ниту средства од разни фондови, министерства, туку тој е целосно финансиран од средствата на Буџетот на Општината.

Вториот проект е влезот од страната на Скопје во Битола и продолжува натаму до Лозар. Тие средства ни ги даде Владата во висина од 90 милиони денари. Овој проект мислам дека ќе биде завршен до следната година. Ние како општина ќе бараме нови средства од Владата да го завршиме булеварскиот влез за Битола, што треба да биде завршен до таблата кај Оризари на која пишува Битола. За тоа е потребна посебна документација, со која ќе аплицираме кај Владата на Република Македонија.

Друг проект, кој е во завршна фаза е изградбата на улицата “Кукуш”, која е еднакво важна како и улицата “Железничка”. Она што беше тесно грло кај улицата “Иван Милутиновиќ” и “Прилепска” сега, со изградбата на улицата “Кукуш”, ќе се растовари. Инаку, улицата “Кукуш” на некој начин е “втора Железничка” улица.”

Б.В.:

Господине Талески, локалната самоуправа е ангажирана и на изградба на други проекти. Кажете ни накусо кои се тие?

В.Т.:

Претходно кажав, а сега ќе повторам дека  ние работиме според нашите долгорочни, среднорочни и краткорочни планови. Друго што сакам да кажам е тоа дека реализацијата на сите тие проекти е динамизирана пред се од висината на средствата со кои располага Општината, како и во зависност од тоа колку други средства можеме да обезбедиме од разни фондови или од Владата на Република Македонија.

Воедно во оваа прилика сакам да нагласам дека во тек е реализација на неколку еколошки проекти, кои ќе бидат финансирани од средствата што за таа намена се издвојуваат по одлуката на Владата за издвојување на наменски денар од 0.007 дени на произведен киловат-час електрична енергија на Рударско-енергетскиот комбинат “Битола”.

Во таа смисла во тек е изградба на заштитниот ободен канал во населбата Баир за прифаќање на атмосферските води од северниот дел на градот, а кој ќе опфаќа сливно подрачје од 97 хектари. Каналот  со должина од 1.935 метри ќе ја прифаќа атмосферската вода и според конфигурацијата на теренот ќе ја одведува во реката Драгор. Со реализацијата на овој проект еден голем комунален проблем со излевање на канализацијата и поплавување ќе биде надминат.     

Како што реков претходно  овој проект  ќе се реализира со средствата што наменски се издвојуваат од РЕК “Битола” за реализација на еколошки проекти. Се работи за средства во висина од 16 милиони денари, кои Општината Битола може да ги користи за реализација на еколошки проекти.  Ние во изминатиот период доставивме неколку проекти до Министерството за екологија, од кои одобрени ни се неколку проекти и тие ќе бидат финансирани од средствата во висина од  16 милиони денари, колку што во моментот наменски ни се ставени на располагање.

Воедно, паралелно со работите на ободниот канал во населбата Баир  интензивно се работи  на изградбата на водоснабдителен систем во селото Буково. Со изработката на овој проект се добива техничко решение во согласност со најновите технички и економски нормативи, впрочем, како што налага и изградбата на ваков вид инфраструктурни објекти.

Воедно започната е изградбата на водоснабдителен систем во селото Острец,  а  извршена е и реконструкција на водоводната мрежа во населбата Јени Маале, каде што се заменети  постоечките азбестни, цементни и поцинковани цевки со полиетиленски цевки ПЕ100 во должина од 2750 метри, со вредност од 9.200.000,00 денари).

Б.В.:

Локалната самоуправа доста беше ангажирана и на изградба и асфалтирање на голем број улици?

В.Т.:

Кога сум кај изградбата и реконструкцијата на улиците морам да спомнам дека во овој едногодишен период изградени и асфалтирани се безброј улици во градот, од кои би ги спомнал асфалтирањето и реконструкцијата на улиците „Гаврило Принцип”, „Никола Русински“, „Паца Ванчова” “Апостол Здравевски”  во населбата Буковски ливади,  “Охридска”, “Ѓуро Ѓаковиќ”, “Стрчин”, “Солунска”, потоа асфалтирани се повеќе улици во населбата Карпош, а извршено е и уредување на тротоарите пред зградата на Ректоратот на Универзитетот “Св. Климент Охридски”, свечено беше пуштен во употреба патот М-5 и уште бројни други улици во градот.

За разлика од порано ние како локална самоуправа се определивме наместо да ги “крпиме” улиците комплетно да ги асфалтираме, што е сигурно поскапо, но ќе биде долгорочно и далеку поисплатливо. Ваквата наша определба мислам дека битолчани со задоволство ја прифатија и ја поддржаа.

Б.В.:

Дали  во оваа прилика, кога се сумираат резултатите од тоа што е постигнато во годината што изминува би сакале да потенцирате некои други  инфраструктурни проекти?

В.Т.:

Претходно реков и сега ќе повторам. Ние во изминатата година реализиравме голем број инфраструктурни проекти, кои беа значајни за Битола. Тука мислам на реализацијата на проектот за атмосферската канализација во Брусничко-лавчансикот реон, изградбата на артерски бунари во Градскиот парк, асфалтирањето на  улици во селото Егри, изградба на 75 станови за социјални случаи, заменета е дотраената пумпа кај Довлеџик со капациет од 200 литри во секунда, потоа  изградбата на мостот кај рибарниците, како  и отпочнувањето на Индустриската зона “Жабени” во еден дел.

Б.В.:

Кога станува збор за зоната “Жабени“ опозицијата често пати ве обвинува дека тој е промашен проект? Како Вие ги коментирате таквите нивни изјави?

В.Т. :

Индустриската зона “Жабени” е наш голем стратешки проект, кој ќе придонесе за економскиот развој на Битола, зашто по нејзината изградба, според сите наши согледувања, во Зоната ќе најдат вработување голем број невработени битолчани, што ќе придонесе за намалување на бројот на невработените. Индустриската зона “Жабени” е  долгорочен, но стратешки  проект. И покрај постојаните критики на опозицијата, ние интензивно работиме на заокружување на инфраструктурното уредување на Зоната. Во моментот се префрлени средствата за електрифицирање на Индустриската зона. Се работи на изградбата на  4,5 километарски далновод, една голема и 6 помали трафостаници во зоната. Во првата фаза ќе биде изграден далноводот, големата трафостаница и една помала трафостаница.

Б.В.: 

Да се префрлиме сега на културата. Оваа година Битола имаше исклучително богато културно лето?

В.Т.:

Морам да нагласам дека Битола веќе неколку години со свои средства организира исклучително богато и по квантитет и по квалитет културно лето “Бит-фест”. Овој фестивал е без сомнение еден од најдобрите во Република Македонија. Битола прва почна да прави свој локален фестивал, без фи-нансиски средства на Владата.  Со несебичното залагање на сите културни работници и културни институции од градот, кои имаат национален карактер ние веќе неколку години организираме исклучително богато и содржајно културно лето, со голем број културни, ликовни, театарски и музички настани.  Се трудиме тоа да го правиме со наши луѓе, битолчани, на кои им даваме шанса да ги покажат своите знаења и способности.

Што се однесува до годинашното културно лето “Бит-фест” морам да кажам дека беше едно од најдобрите досега со преку стотина културни настани.

И кога зборуваме за културниот живот во Битола морам да нагласам дека оваа година  можеме да бидеме задоволни од тоа што Фестивалот на филмската камера “Браќа Манаки”  се врати дома и што имавме еден исклучително добро организиран фестивал на филмската камера. Годинашното 30. јубилејно издание на Фестивалот го направивме на високо професионално ниво, а организа-цијата  треба и мора да биде репер за идните празнувања на филмската уметност во овој град.

Тука морам да ги нагласам и манифестациите “Интерфест”, како и Графичкото триенале. Да не ги набројувам разните други одржани концерти на наши уметници.

Б.В.:

Оваа година имавте значајни вложувања и во областа на образованието?

В.Т.:

Токму така од претходниот до овој роденден имавме значајни вложувања и во делот на образованието. Имено, реновирано е ОУ “Гоце Делчев”. Направена е фасадата на училиштето, а обновени се и  неколку училници. Морам да нагласам дека за реализацијата на овој проект во голема мера помогна Јапонската амбасада. Оваа година имавме значајни вложувања и во ОУ “Кирил и Методиј”, кое доби нова дограма, реновиран е и покривот во ОУ “Трифун Пановски”, а организиравме и Саем на средните училишта.

Б.В.:

Како одат проектите околу изградбата на спортските сали?

В.Т.:

Во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Македонија поставен е камен-темелник за изградба на спортската сала во Средното училиште “Јане Сан-дански”, а ќе се поправат салите  и во други основни и средни училишта. Со Агенцијата за млади и спорт се реализираат две игралишта, кај Ќумурното игралиште и  во Горно Оризари, а започнаа и активностите за изработка на потребната документација за изградбата на покриениот олимписки базен.

Б.В.:

Господине градоначалниче, кажете ни повеќе до каде се активностите за изградбата на затворениот олимписки базен и дали неговата изградба ќе биде пролонгирана поради последиците од рецесијата?

В.Т.:

Во оваа прилика сакам да нагласам дека и покрај последиците од рецесијата активностите за изградбата на затворениот олимписки базен и тениските игралишта се одвиваат според предвидената динамика. Во моментот се работи на техничката документација. Тој ќе биде изграден со средства на Агенцијата за млади и спорт и ќе се наоѓа до спортската сала “Младост” и мислам дека конечно ќе го оствариме сонот на многу генерации битолчани, Битола да има затворен олимписки базен.

Б.В.: 

Битолчани во последно време се погласно се прашуваат кога конечно ќе биде поставен коњаникот со Филип Втори. Има шпекулации дека од Брисел има забрана за поставување на споменикот.

В.Т.:

Споменикот Филип Втори ќе биде гордост за сите нас.  Тоа што споменикот со коњаникот се уште не е поставен на постаментот не е поради никакви забрани или препораки од Брисел, туку  пред се затоа што имаме некои технички проблеми околу софтверот на музиката и самата фонтана.

Тоа е мошне комплициран проект и додека не се усогласат сите тие софтверски решенија ние не сакаме да го поставуваме споменикот.  Инаку, до сега врз мене никој ниту вршел притисок ниту пак ми препорачал да го одложам поставувањето на споменикот. Напротив, јас и со претходниот и со сегашниот грчки конзул имам разбирање за ова спомен-обележје. И ним  им е  јасно дека овој споменик не  е направен за да провоцира.  Ние ќе го поставиме споменикот, но во овој момент фонтаната ни прави проблем. Имаме мала  техничка грешка во концептот, бидејќи ние сакавме споменикот да е врв на сето она што го правиме како партерно уредување во тој дел на градот. Навистина имаме технички проблеми. Но не можеме да им забележиме на луѓето, бидејќи до сега не правеле музичка  аудио-визуелна фонтана за да погодат се.  Имаше доста грешки, откажуваше хидрауликата.  Луѓето се мачат да најдат софтвер или друго решение кое ќе ги поврзи сите програми.  Се работи за неколку програми. Не е тоа само фонтана што испушта вода, туку секоја вечер сакаме   да има еден  миг за сите наши  граѓани и за гостите, каде што ќе се направи една аудио-визуелна програма од 15  минути која ќе го акцентира постоењето на  споменикот  на Филип Втори и се разбира аудио-визуелно ќе ја поткрепува таквата музичка приказна, која треба да раска-жи еден дел од минатото со разни  програми  на водата, подводни и други светла  кои треба временски да се синхронизиираат. Тоа се светлосни акценти, акценти на самата фонтана, на музиката  кои треба да се прилагодат.  Жал ми е што не го најдоа решението. Тие многу се мачат, многу се вредни, но, за жал, до сега не го најдоа решението. Инаку, споменикот можеме да го поставиме во секое време, но не би сакал да бидеме подложени на критики. Најискрено сакам тоа да биде прецизно направено, бидејќи тоа треба со децении да функционира. Ние бевме дури обвинети дека токму изградбата на споменикот ќе биде пречка за добивање позитивен извештај од ЕУ. Сигурно дека не е така. Најодговорно ви кажувам дека немам ниту еден документ ниту барање тоа да не го правиме. А мислам и убеден сум дека ЕУ не се занимава со локални теми. Се работи за исклучително добар проект, со кој битолчани, не само од оваа генерација, туку и идните генерации,  ќе можат да се гордеат.

Б.В.:  

Многумина сакаат да го политизираат и овој проект тврдејќи дека со споменикот на Филип Втори наводно ќе сме ги налутеле соседите?

В.Т.:

Мислам дека  “обврска” на опозицијата е да ги политизира сите  наши проекти. Но сметам  дека нема место за никаква загриженост, затоа што право е на секој град какви споменици ќе гради. Ние како локална самоуправа имаме обврска да ги испочитувавме сите процедури за изградбата на споменикот на Филип Втори и истиот на задоволство на граѓаните  на Битола ќе го завршиме. На Филип Втори како прв градоначалник на Хераклеја ние тоа му го должевме. Со цел респект кон минатото, но јас сум човек кој постојано гледа во иднината. Затоа мислам дека нашата девиза треба да биде тоа што го направивме да знаеме да го сочуваме и својата енергија да ја насочиме кон изградба на други проекти и други работи со кои животот ќе си го направиме поубав и посреќен.

Б.В.:

Што е она што Ве воодушевува во Битола?

В.Т.:

Во Битола прво сум им многу благодарен на граѓаните што ни ја даваат поддршката во она што го правиме. Тоа многу ме радува и ми дава уште поголем мотив за работа. Поддршката ја чувствувам во секојдневните средби, често граѓаните знаат да не пофалат за она што го правиме, дел ми пишуваат писма.  Јас сум отворен за сите. Во оваа прилика сакам да нагласам дека поради недостаток на време не сме биле во можност да им излеземе во пресрет во оние денови кога тие инсистираат. Но, на отворените средби што ги имаме со граѓаните се трудиме да ги слушнеме нивните идеи, предлози, размислувања за подобра и поубава Битола. Нивните размислувања и сугестии се секогаш добродојдени за нас. Во секоја средба ги примам и пофалбите и забелешките и критиките кои доаѓаат од нив. За наша голема среќа пофалбите за нашиот ангажман  се во поголем број.

Б.В.:

Битола се повеќе се афирмира како дипломатски центар?

В.Т.:

Токму така. Битола се повеќе се афирмира и на дипломатски план.  Се отвораат нови почесни конзулати. Денес можеме да се пофалиме дека во Битола има рекорден број од 11 конзуларни претставништва. Јас мислам дека Битола се повеќе се промовира и како дипломатски центар. За тоа зборуваат се почестите посети на разни дипломати, амбасадори на нашиот град. Во изминатиот период Битола ја посетија поголем број делегации. Имаше делегација од Плевен, Бугарија, Риека,  Хрватска. Деновиве со одлука на словенечката влада Почесниот словенечки конзулат беше промовиран во почесен генерален конзулат што е  само уште една потврда дека Битола станува дипломатски центар.

Б.В.:

Што е тоа што ве направи несреќен во ова година?

В.Т.:

Морам да кажам дека деновиве многу ме погоди веста од Измир, Турција дека почина нашиот прв почесен граѓанин на Битола, Ајри Демировски. Иако бев свесен дека поради болеста крајот се ближи, сепак, верував дека ќе поживее уште. Но тој само физички се оддели од нас. Остана вечно да живее со нас и во нас. Тој ни покажа како и колку треба да се сака својот град.  Затоа во оваа прилика сакам да му искажам јавна благодарност за се што нашиот Ајри направи за нас и за Битола. Неговата љубов кон Битола е навистина немерлива.

Б.В.:

На крајот кажете ни која е Вашата четвртоноемвриска честитка до граѓаните на Битола?

В.Т.:

Мојата честитка е пораката што ми ја упати кога беше во Битола нашиот Ајри Демировски. А тој тогаш ми рече: Ве гледам многу се карате. Сакајте се и сакајте ја Битола како што ја сакам јас. Овие негови зборови нека бидат и моја честитка по повод празникот на Битола, 4 Ноември до сите мои сограѓани и до читателите на Битолски весник.

Текст: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски