Normal 0 false false false MicrosoftInternetExplorer4 /* Style Definitions */ table.MsoNormalTable {mso-style-name:"Table Normal"; mso-tstyle-rowband-size:0; mso-tstyle-colband-size:0; mso-style-noshow:yes; mso-style-parent:""; mso-padding-alt:0cm 5.4pt 0cm 5.4pt; mso-para-margin:0cm; mso-para-margin-bottom:.0001pt; mso-pagination:widow-orphan; font-size:10.0pt; font-family:"Times New Roman"; mso-ansi-language:#0400; mso-fareast-language:#0400; mso-bidi-language:#0400;}

Преземено од Битолски весник

Жителите на Новаци и селата кои гравитираат  во оваа општина сами ги одредуваат нашите проекти и приоритети, вели градоначалникот Котевски.

Според мене, мислам дека довербата ја оправдав затоа што се трудев тоа што го ветив во текот на изборните кампањи на минатите избори  да го реализирам. Ако не во целост, тогаш барем во најголем дел, искрен е Котевски.

alt

Веќе изминува првата половина од првиот месец од новата 2010 година, а за најголемиот број жители на општина Новаци завршија славите и празниците. Иако  добро е познато дека за земјоделците  практично нема одмор и за време на празници, сепак, може да се каже дека во изминатите дваесетина дена новачани добро се одморија и онака како што им прилега на  луѓето од овој дел на Пелагонија со многу верба во подобро утре влегоа во првиот месец од новата 2010 година.

Заедно со жителите на Новаци празниците во домашна атмосфера ги помина и нивниот прв човек, градоначалникот Лазар Котевски, кој и овојпат Новата година ја пречека заедно своите сограѓани кои во 2009 година масовно му ја дадоа довербата по вторпат да биде на чело на Општината. Таквата нивна доверба Котевски и те како многу ја цени и, како што тој самиот вели, ќе настојува никогаш да не ја изневери.

Лазар Котевски беше еден од ретките градоначалници во Македонија, кој на локалните избори во 2009 година така убедливо го освои својот втор мандат уште во првиот круг и тоа со огромна разлика пред своите противкандидати.

Токму таквата доверба што му ја дадоа жителите на најголемата општина по територија во Македонија, Новаци, за Лазар Котевски претставува нов поттик во својот втор мандат да ги реализира сите свои ветувања. Токму затоа првото прашање кое му го поставивме на градоначалникот Лазар Котевски во нашето  интервју, прво во новата година, беше како тој се чувствува сега кога по вторпат е на чело на    Општината?

Лазар Котевски: Морам  искрено да кажам дека очекував победа на изборите во 2009 година. Но, сепак, не очекував дека ќе победам со така голема разлика од речиси 3:1, пред моите двајца противкандидати, Васко Талевски од СДСМ и Иванчо Котевски од ЛДП.

 alt

Б.В.: На што се должи така убедливата победа?

Л.К.: Според мене убедливата победа се должи пред се на континуираното работење на Општината во текот на првиот мандат и исполнување на планираното и ветеното на претходните избори.

Б.В.:  Дали лично сте задоволни од тоа што го реализиравте во првиот мандат?

Л.К.:  Да бидам искрен лично сум задоволен од тоа што го постигнавме особено во 2008 и 2009 година. Лично сметам дека тие две  години, ми беа едни од најуспешните во мојот досегашен мандат. Но, бидејќи  секогаш инсистирам на поголеми резултати сметам  дека можевме да постигнеме и многу повеќе. Сепак, најмалку е битно дали јас сум задоволен од тоа што го направив. За мене најкомпетентна е оценката на граѓаните на Општината, поточно на тие што ме избираа(т).

Б.В.: Со што, според Вас, ја стекнавте таквата доверба?

Л.К.: Мислам дека е неблагодарно да кажувам со што ја оправдав  или ја стекнав довербата кај  народот.  Најдобро е одговорот на ова прашање да го побарате кај нив. Сепак, според мене, мислам дека довербата ја оправдав затоа што се трудев тоа што го ветив во текот на изборните кампањи на минатите избори  да го реализирам. Ако не во целост, тогаш барем во најголем дел.

Б.В.: На почетокот од разговорот рековте дека сте задоволен од тоа што го направивте во изминатиот период од мандатот. Дали можете накусо да ги наброите проектите што ги реализиравте?

Л.К.: Во изминатиот период сите наши настојувања како локална самоуправа беа насочени главно кон решавање на инфраструктурните проблеми, кои беа и се од витално значење за нашата општина. А тие главно беа насочени кон решавање на проблемот со водоснабдувањето, одводнувањето, изградбата на канализационата мрежа,  поправка на локалната патна мрежа, подобрување на условите за учениците во образованиот процес, здравствената заштита, спортот, екологијата.

Б.В.: Кои патишта планиравте да ги изградите со тие средства?

Л.К.: Ние за асфалтирање  понудивме неколку проекти, како што се асфалтирање на патот  Новаци -Рибарци, Рибарци-Гнеотино, патот за Арматуш, Мегленци и Зовиќ.

Б.В: Кои проекти ви се приоритетни за реализација во оваа година?

Л.К:  Кога станува збор за реализација на проектите морам да нагласам дека Општината Новаци сите свои активности главно ги планира во договор со народот. Народот, поточно жителите на сите села кои гравитираат кон Општината Новаци се тие кои ја скицираат нашата програма и тоа не само за решавање на инфраструктурните проекти, туку и за сите наши планови, желби и амбиции од областа на инфраструктурата, социјалата, културата, спортскиот живот. Приоритет ќе ни биде да донесеме  здрава вода за пиење во секое село кое гравитира кон Општината Новаци. Овој проблем посебно дојде до израз минатото лето, кога поради високите температури и горештините, како и недостигот на вода секнаа многу бунари, па така голем дел од селата останаа буквално без вода. Со оваа програма се опфатени сите села, но, сепак,  најприоритетни се Брод, Живојно и Добровени. И кога станува збор за обезбедувањето на населението со здрава вода за пиење во оваа прилика морам да нагласам дека минатата година ние имавме елементарна непогода кога ни се  урна локалниот водовод во Старавина, Градешница, Будимирци, Зовиќ и на истиот ќе мораме да вршиме  целосна реконструкција, бидејќи тој водовод имаше доста пропусти уште во самиот проект.

Б.В.: Дали се санираа последиците од поплавите?

Л.К.: Кога станува збор за последиците што ни ги оставија поплавите со разлевањето на повеќето реки, ние во границите на нашите можности првично ги помогнавме жителите кои настрадаа во тие поплави. Но тоа не е доволно. Затоа ние како општина се обративме до Центарот за справување со кризи и побаравме жителите кои настрадаа од поплавите да бидат обештетени, бидејќи претрпеа големи штети, кои Општината не може самата да ги надомести. Комисиите за проценка на штетите веќе ги завршија своите работи и очекуваме дека наскоро и Центарот за справување со кризи ќе се изјасни околу обештетувањето.

Б.В.: Во тие поплави настрада и браната кај Рапеш?

Л.К.: Браната е веќе санирана. Истата е повторно направена, реконструирана и  сега таа  е  доста проширена. Наскоро ќе биде пуштена во употреба. Јас лично се гордеам со таа брана и мислам дека откако ќе се направи мало акумулационо езеро тоа ќе биде рај за излетниците.

Б.В.: Каква е состојбата со чистењето на каналите?

Л.К.:  Каналите ги исчистивме, но не сите и не целосно. Кога ќе се создадат услови за тоа истите ќе ги дочистиме. Тука мислам на каналот за старото корито, кое служи за наводнување и одводнување. Бидејќи на тој дел има брана таа брана ќе ја наполниме со вода и ќе ја користиме за наводнување. Имаме проект кој ги поврзу-ва водите од РЕК, што доаѓаат во 10-тиот канал, кој е систем за наводнување е  за неколку села: Горно и Долно Агларци, Далбеговци, Добромири и Новаци.Извршивме бетонирање на 10. канал и каналот кој го бетониравме од РЕК до Новаци со средствата од наменскиот денар што трите општини Битола, Новаци и Могила  го добиваат од ЕЛЕМ заради загадувањето кои се исклучиво наменети за еколошки проекти.

Б.В.: Со оглед на тоа што средствата од наменскиот денар за  еколошки проекти ќе бидат обезбедувани во континуитет со кои други еколошки проекти мислите да аплицирате за тие средства?

Л.К.: Во наредниот период планираме со средствата што ги доби-ваме од ЕЛЕМ за реализација на еколошки проекти да изградиме дрвореди од РЕК “Битола“ до Новаци и тоа од двете страни на патот, со што мислиме дека во извесна  мера ќе се заштитиме од загадувањето кое на тој дел од нашата општина го прави РЕК “Битола“. Воедно планираме со тие средства да извршиме и пошумување и на делот од РЕК “Битола“ кон Добровени,  Агларци и Далбеговци.

Б.В.: Сериозен проблем со кој се соочуваат жителите на Новаци беше немањето на канализациона мрежа. До каде е изградбата на канализационата мрежа?

Л.К.:  Токму така. Изградбата на канализационата мрежа беше и  е еден од најголемите и егзистенционални проблеми со кој се соочува селото Новаци. Со доста залагање на Општината и со финансиска помош на Министерството за транспорт и врски  и на Министерството за земјоделство примарната мрежа во должина од неколку километри е при крај, а сега  работиме на изградбата на секундарната мрежа низ селото и поврзувањето на домаќинствата. Со завршувањето на  канализационата мрежа ќе се реши еден од најголемите проблеми на нашето село. Новаци е рамно село и без канализација навистина е тешко да се живее.

Б.В.:  Уште колку работи ви остануваат за довршување на канализацијата?

Л.К.:  Според тоа како се одвиваат работите завршени се околу 80 отсто од работите и останува уште да се изградат околу 20 отсто од целата мрежа. Кога станува збор за изградбата на канализационата мрежа еден од приоритетите е изградбата на пречистителна станица и две  пупмни станици бидејќи нивото на Новаци е пониско од нивото на реката Црна и затоа изградбата на пумпните станици е нужност.

Б.В.: Господине Котевски, реализацијата на проектите обично е поврзана со обезбедување големи финансиски средства. Кажете ни каква е финансиската “крвна слика“ на Новаци?

Л.К.: Ние сме влезени во втората фаза од фискалната децентрализација со што Општината Новаци доби поголеми надлежности, но и поголеми обврски. Но, за подобрување на нашата финансиска “крвна слика“ најмногу заслуга има донесувањето на Законот за минерални суровини, што го донесе оваа влада, со кој се спасија многу рурални општини.  До донесувањето на тој закон ние немавме никакви приливи од РЕК. Сега добиваме средства по основ на концесија и по основ на дневно производство. Владата воедно  го смени и процентот од 60:40 колку што беше  до неговото донесува-ње, на сега веќе 78% за Општината, а само 22% за Владата. И тоа во голема мера влијаеше на подобрувањето на “крвната слика“ на Општината. Со овој закон сите концесионери кои работат во Општината издвојуваат средства за Општината, што секако многу влијае за полнење на буџетот.

Б.В.: Неодамна во рамките на проектот “Форуми во заедниците“ граѓаните имаа можност да се изјаснат за кои проекти сметаат дека треба да се потрошат средствата од тој проект. За какви проекти се изјаснија жителите на Новаци?

Л.К.: Во рамките на дискусијата што се водеше за тоа за што граѓаните сметаат дека треба да се потрошат средствата тие се изјаснија за активирање на комуналните претпријатија во Општината. Тие средства се во сооднос еден милион денари од Општината, а три милиони денари од проектот “Форуми во заедниците“. Со тие средства планираме да набавиме една губретарка и еден скип. Воедно Општината Новаци планира на нејзината територија да се изгради и регионалната депонија, а за самата локација се уште не сме одлучиле. Но, мислам дека Новаци има најдобри услови за лоцирање на регионалната депонија.

Б.В.: Општината Новаци во последно време почна да добива разни меѓународни  средства за реализација на проекти. Деновиве добивте уште еден таков проект. За какви средства станува збор?

Л.К.: Токму така. Неодамна добивме средства во рамките на проектот за меѓуопштинска соработка  во делот на заедничкото водење на административните работи со Општината Могила. Тој е  заеднички проект со Могила и планираме во иднина нашите административни работи заеднички да ги водиме, бидејќи Општината Битола која досега ни ги вршеше тие услуги е преоптоварена и нас да ни ги води административните работи. Посебно ме радува што деновиве од Брисел добивме донација во износ од 150.000 евра. Таа е донација за зближување и соработка на побратимени градови. А ние таква соработка имаме воспоставено со Куфаља од Грција, Борован, Бугарија  и Пустец, Албанија. Овие средства  се во рамките на проектот “Европа за граѓаните“ и истите ќе се потрошат за подобро меѓусебно запознавање, како и за подобро претставување на општините. Новаци е првата општина што доби таков проект, што секако претставува големо признание за нас.

Б.В.: На кои други проекти во моментот работите?

Л.К.:  Со цел да ги подобриме условите за живот на жителите од нашата општина се зафативме и  со  електрификација на уличното осветлување во Новаци, Рибарци и Добромири, кое мислиме наскоро да го завршиме. Но во оваа прилика морам да нагласам дека најголемите инфраструктурни зафати ќе следат во наредниот период,  кога ќе можеме да ги користиме средствата од кредитот на Владата добиен од Светската банка за реконст-рукција на локалната патна мрежа. За неупатените да кажам дека значаен дел од овие средства од над 70 милиони евра се наменети за инвестиции и во патната мрежа на Општината Новаци.

Б.В.: Дали се знае за кои патишта ќе бидат искористени средствата?

Л.К.:  Со овие средства ќе можеме да реализираме 6 проекти, кои се веќе изработени  и  кои се  доставени до Владата. Тоа се проектите за изградба и реконструкција на патните правци Новаци -  Рибарци, потоа РЕК “Битола“ - Долно Орехово, во должина од околу 5 км.  Со оваа програма  е предвидено изградба на патиштата РЕК “Битола“ - село Арматуш,  Рибарци  - Гнеотино, потоа патниот правец Брод-Копо, Новаци до копот, со што ќе ја споиме поранешната општина Бач со Општината Новаци. Тоа е огромна инвестиција која ќе придонесе да се обнови во најголем дел патната мрежа во Општината.

Б.В.: Во времето на Вашиот прв мандат многу амбициозно влеговте во привлекувањето на инвестиции за изградба на стопански капацитети, кои ќе го решат проблемот со отворање нови работни места. Тука пред се мислам на инвестицијата на “Зегин“. Но, за жал, засега нема ништо од таа инвестиција. До каде се работите околу изградбата на фабриката на “Зегин“?

Л.К.: Токму така. Невработеноста како и секаде, така и во нашата општина е еден од најголемите проблеми со кој се среќаваме. Токму затоа привлекувањето на нови инвеститори за изградба на мали и средни претпријатија беше нашата главна преокупација во изминатиот период.  Во таа смисла би ги потен-цирал инвестициите на фирмата “Вазар“ од околу 2 милиони евра, како и изградбата на фабриката на “Зегин“ за био-храна и екстрати од лековити растенија, како и експлоатација на ЦО 2 која ќе вреди околу 22 милиони евра,  која, за жал, поради некои технички пречки околу обезбедувањето на дозволата за градба привремено е прекината, но која како што сум информиран од надлежните органи во Министерството за транспорт и врски наскоро ќе продолжи, а фирмата “Вазар“ веќе ги има сите потребни дозволи и одобренија за експлоатација. Во наредниот период очекувам да бидат конкретизирани и плановите на заинтересирани инвеститори од Швајцарија и Гер-манија за изградба на фабрика за био-гас, која треба да биде лоцирана во Новаци.  А многу за развојот на Новаци ќе придонесе и изградбата на проектот  за изградба на акумулацијата “Чебрен“, која со еден дел му припаѓа  и на Општината Новаци.

Б.В.: Покрај решавањето на проблемите од областа на инфраструктурата доста бевте ангажирани и за реализацијата на некои инвестици во областа на образованието и спортот?

Л.К.: Во изминатиот период и покрај скромните финансиски средства со кои располагавме ние се обидовме да вложиме значајни средства во областа на образованието и  спортот во соработка со Министерството за образование и со Агенцијата за млади и спорт успеавме да реализираме неколку значајни  вложувања. Така во  овој период благодарение на залагањето на локалната самоуправа и разни донации  успеавме  да го реконструираме ОУ “Славко Лумбарковски“, а наскоро со средства од УСАИД планираме да го реконструираме и старото основно училиште во селото Бач. Кога станува збор за вложувањата во спортот сакам да нагласам дека во овој период значајни средства со Агенцијата за млади и спорт реализиравме за реконструкција на неколку фудбалски терени. Така со средства од Агенцијата ги заградивме игралиштата во Дедебалци и Долно  Агларци,  а со  помош на Агенцијата за млади и спорт ги доизградивме и соблекувалните на стадионот на Новаци. Воедно во селото Гермијан изградивме ракометно игралиште. И кога сум веќе кај спортот сакам да нагласам дека ние како  локална самоуправа на Новаци  покрај тоа што ја помагаме екипата на Новаци, која е нашиот најголем бренд, сепак, не  можеме во целост да ги сносиме трошоците за овој клуб со долгодишна традиција. Затоа ни е се потребни дополнителни средства, кои во овој момент Општината ги нема.

Текст: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски