06 Август 2009
Ако минатогодишниот Илинден помина во знак на поставувањето на големиот крст над селото, оваа година Илинден беше во знак на младите.Битолската редакција на австралиски “Информатор“ овој Илинден беше во мијачкото село Лазарополе.
.jpg)
Рекорден број посетители, жители на село Лазарополе, гости и туристи се собраа оваа година на Илинден на селската слава, на сретсело, каде звуците на тапаните и зурлите одекнуваа до доцна во ноќта. А на сретсело се собрале сите, а како никогаш до сега имаше млади, кои од час во час беа побројни во орото кое е симбол на ова село Тешкото.
08 Март 2009
ОХРИД СПОЈ НА ИСТОРИЈАТА И МОДЕРНИОТ ЖИВОТ

Градот Охрид е туристички, културен и духовен центар на Република Македонија. Овој град има историја со континуиран живот на човечки заедници од 7 000 години и е еден од најстарите на светот, заедно со Ерусалим, Рим и денешен Истанбул.
Охрид се наоѓа на надморска височина од 695 метри и е најголем град на брегот на Охридското Езеро кое се проценува дека е старо околу 3 милиони години и е едно од најстарите езера на светот. Езерото изобилува со ендемска флора и фауна и заедно со Градот Охрид е ставено на списокот на УНЕСКО како светско културно и природно наследство.
Седумте милениуми постоење во градот оставија огромно културноисториско наследство, па во Охрид можете да сретнете локалитети и објекти кои датираат од праисторијата, антиката, ранохристијанството, средновековието, исламот. . .Градот е седиште на Македонската Православна Црква олицетворена во Охридската Архиепископија, верска институција која била меѓу првите кои го донеле христијанството во Европа.Низ вековите, Охрид бил поробуван, уништуван од човечка рака и од природни катастрофи но секогаш градот повторно се издигал и обновувал во уште поубав.
Денешниот Охрид има околу 45 000 жители а општината е со површина од 389,93 км2. Урбаната зона на Охрид е составена од Стариот Град кој е лоциран во средината на урбаната зона, а него го чинат Варош, Месокастро и рибарската населба Канео. Во стариот Град Охрид се лоцирани најголем дел од културно историските локалитети на градот, музеите, во него се лоцирани објекти кои ја отсликуваат старата архитектура, а тука се и Заводот и Музеј на Град Охрид и Дебарско Кичевската Митрополија. Во состав на старото градско јадро е и Старата Охридска чаршија и двата градски плоштади. На едниот од нив е лоциран новиот споменик подигнат во чест на заштитникот на Охрид, Св.Климент Охридски и плоштадот кај Чинарот, дрво кое е старо повеќе од 1 000 години. Како составен дел на Стариот Охрид се смета и Градското Пристаниште.
Како засебна целина може да се гледа и на кејот кој го носи името Маршал Тито, и се протега од пристаништето па се до каналот Студенчишта. На овој кеј се изградени голем број приватни хотели со помал капацитет, ресторани, кафетерии и објекти за приватно сместување. Најрепрезентативен и најголем објект на кејот е хотелот Палас кој во моментов е во фаза на реновирање.Останатите делови од урбаната целина на Охрид во најголем дел се новоизградени населби, а позначајни објекти и локалитети во пошироката урбана зона се Спортскиот Центар - Билјанини Извори, Хирдобиолошкиот Завод ( најстара научна институција од ваков вид на Балканот) , самите Билјанини Извори кои се во непосредна близина на заводот, каналот Студенчишта , автобуската станица, поштата, како и неколку трговски центри и бројни супер маркети, банки, бутици, автосалони и ред други содржини кои го чинат модерното живеење. Во урбано подрачје од Охрид се изградени и бројни станбени комплекси, помали хотели, мотели и приватни пансиони.
На поширокото градско подрачје е лоцирана и индустриската зона на градот која се протега во периферијата, во предградијата Косел и Лескоец каде се лоцирани најголемите фабрики во Охрид. Покрај за туризам, индустриските капацитети и разновидното стопанство го прават Охрид, атрактивен и за бизнис, па така последните години се повеќе странски компании од целиот свет, своите партнери и пробивот во Македонија и Европа го прават токму преку охридски компании. Во сферата на туризмот најголеми компании се Комплекс Метропол и Белви, Концерн Инекс Горица и Охрид Турист додека најголеми компании надвор од туризмот во Охрид се Амак Сп, Охридска Банка – Сосиете Женерал Групација , ЕМО, Алсто Мегасев, Велмакс, Си По, Гица, Адвајзори, Г.П Ремис и други.Градот Охрид денес е место кое нуди комплетна содржина за пријатен и незаборавен одмор. Охрид изобилува со културноисториски споменици, прекрасни плажи, бродови за крстарење, ноќни клубови, дискотеки и кафетерии. Со еден збор, во Охрид се спојуваат сонцето и водата, историјата и современиот живот.
МАНАСТИРИ И ЦРКВИ
Св. Климентовиот манастир - Плаошник
Колку прекрасно место! Место каде може да се почувствува духот на големиот македонски просветител Св.Климент, место каде може да се пронајде мир во душата.Во Охрид, јужно од Самоиловата тврдина во месноста наречена Плаошник се наоѓа манастирот на Свети Климент Охридски - првот словенски епископ и основоположник на Македонската православна црква. Црквата ја изградил самиот Св. Климент, во 893 година врз темелите на ранохристијанската базилика (од која се зачувани остатоци), и ја посветил на Св.Пантелејмон. На ова место се наоѓала првата Охридска школа, жариште на словенската писменост и култура каде биле просветени 3500 ученици.
По смртта на Св.Климент во 916 година, тој бил закопан во неговиот манастир, во гробницата која ја изградил со свои раце.
По доаѓањето на Османлиите во 15 век, климентовата црква била претворена во џамија, позната под името Имарет џамија, а моштите на Св.Климент биле пренесени во црквата Св.Богородица Перивлептос.


