Македонскиот национален идентитет ќе биде загрозен доколку Груевски остане на идејата да го гради центарот на Скопје како што замислил, смета лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски.

Побара власта да распише референдум за да го слушне гласот на народот за оваа, како што ја нарече, фараонска идеја.

„Се обидуваме за разлика од некои други држави, некои други главни градови кои што ја негуваат својата историја, ние од 2010 година да измислиме наша историја. Вакви градби во ваков стил, никогаш во Скопје и Македонија не постоеле. Ова е обид на еден вештачки начин да се создаде, наместо да се гради сегашноста и да се гради иднината, да се создава во 2010 година нова историја на македонскиот народ“, вели Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ.

Во ситуација на општа сиромаштија и економско пропаѓање, рече Црвенковски, не е време да се трошат стотици милиони евра народни пари за задоволување на лични хирови и фрустрации.

„Господине Груевски, дали знаете во која држава живеете? Дали воопшто ја познавате историјата на сопствениот народ? Дали знаете колку болници, колку градинки, колку училишта, колку фабрики, лежат и се кријат во овие ваши градби“, вели Црвенковски.

Владата зачудена од критиките на Црвенковски.

„Не зачудува од каде тоа Бранко Црвенковски се доживува како авторитет кој може да коментира дали нешто е кич или не е. Од каде чувствува дека тој е компетентен за ваков вид на коментари. Што изгради Бранко Црвенковски, па сега да коментира и да оспорува“, изјави Елизабета Канческа Милевска.

За изгледот на објектите одлучувале стручњаци, а преку изборите поддршка на проектот дале и граѓаните - оттаму, смета Милевска, референдум не е потребен.

„Тие проекти стигнувале од стручни лица, а не од нестручни. Тие проекти ги жирирале стручни лица, архитекти професори, а не нестручни лица. Значи тука е инволвирана стручната маса, компетентната маса да даде обликување на централното градско подрачје“, вели Милевска.

За изградбата на проектот Скопје 2014-та секоја година ќе се одвојуваат од половина до еден процент од буџетот, или по околу 20-тина милиони евра.

А1