Имиња, презимиња и домашни адреси на околу 400 граѓани што плукале, мочале или фрлале отпадоци по улици вчера јавно објави Министерството за транспорт на две страници од еден дневен весник. Ресорот јавно ги жигоса прекршителите на Законот за јавната чистота, кршејќи го нивното право на заштита на личните податоци. На списокот се граѓани речиси од сите градови низ земјава, а казната за загадување на околината изнесува околу 50 евра. Лицата што од нашата редакција дознаа дека „може да се читаат во весник“ се револтирани и најавуваат тужби за ресорното министерство. Велат дека вака јавно на список досега не биле објавени ни „докажани“ криминалци од земјава. Дирекцијата за заштита на личните податоци, пак, по сугестијата на „Дневник“, само ќе му укаже на Министерството дека го прекршило Законот за заштитата на личните податоци.

- Сметаме дека не постои законска основа за јавната објава што ја извршило Министерството. Со оглед на тоа дека прекршочната постапка е еден вид казнива постапка, со ваква јавна објава на имиња, презимиња и адреси на лица против кои е поведена прекршочна постапка, се крши начелото за презумпција на невиност и основните начела за заштита на личните податоци - изјави Марјана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Граѓаните чиј идентитет и домашни адреси се јавно објавени велат дека се револтирани од односот на ресорот и дека се' уште не се свесни што ги снашло. Некои за лошата вест дознале од пријатели што, откако ги прочитале, помислиле дека се добитници на награда од наградна игра, па потоа веднаш им се јавиле. Некои дознаа дека се залепени на списокот, од нашата редакција.

- Да, бев казнет во Ресен за фрлање догорче, но тоа се случи пред да го донесат Законот. Второ, во Ресен тогаш никаде немаше канта за ѓубре. Процесот заврши и јас ја платив казната. Револтиран сум зошто ме објавиле на список во весник кога тоа е завршено - вели еден граѓанин, кој заради негова заштита решивме да остане анонимен. За него ова е чист грабеж на народот и смета дека е нарушено неговото достоинство и углед.

- Судски ќе се разберам со нив за ова што ми го направија. Немаше услови за спроведување на Законот и тој не беше во сила кога мене ме казнија. Ова нема смисла. Вака јавно не се објавуваат ниту докажани криминалци во земјава. Бев сведок еднаш кога на еден дедо, додека одеше накај пазарот, му испадна најлонска кеса. Полицаецот што го здогледа тоа трчаше да го стигне дедото и да го казни. Човекот му кажа дека не забележал дека му испаднала кесата, а полицаецот му возврати: - Господине вие намерно ја фрливте кесата и го казни - раскажува тој.

ДНЕВНИК