Прашање е дали ВМРО-НП ќе заземе страна на десницата во судирот

Александра М. Митевска

Претстојните парламентарни избори ќе поминат во знак на судир на десницата, прогнозираше пред извесно време еден поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, сега е член на раководството на Обединети за Македонија. Неодамна ОМ остана надвор од широкиот опозициски фронт кон кој не се придружи ниту ВМРО-НП. Двете опозициски партии од десничарскиот блок го образложија своето отсуство со идеолошки причини и најавија самостојни изборни настапи.

Некомплетното здружување на опозицијата го наметна прашањето кој ќе и' биде главен опонент на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори. Дали тоа ќе биде СДСМ и потенцијалната левичарско-центристичка коалиција или некоја од партиите што произлегоа од ВМРО-ДПМНЕ и сега претендираат да ги привлечат незадоволниците од матичната партија? Дали за владејачката партија ќе биде приоритет да ги придобие неопределените што би можело да се приклонат кон СДСМ или да го зачува нечепнато своето традиционално гласачко тело?

Евидентно е дека во последно време ВМРО-ДПМНЕ е активна на два фронта, иако јавните конфронтациите со ОМ не се со толкава фреквенција како со СДСМ. Затоа, пак, упатените во случувањата во десницата велат дека реалната битка меѓу партиите од овој камп се води на терен каде што ОМ е активна и се обидува да навлезе меѓу членството на ВМРО-ДПМНЕ, иако засега повеќе и' успева кон себе да привлече незадоволници од ВМРО-НП. Партијата чиј почесен претседател е поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, пак, моментно како да не е во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ, можеби и поради нејзините редуцирани активности на јавна сцена.

„Никола Груевски ќе се натпреварува на две патеки: со Бранко Црвенковски, како негов идеолошки противник, но и внатре во десницата - со Љубе Бошкоски. Прашање е дали и како во оваа битка меѓу поранешните сопартијци ќе се вклучи ВМРО-НП. Односно дали оваа партија ќе заземе страна или до изборите ќе успее да се наметне како трет фактор во десничарскиот блок, промовирајќи нови лица и автохтона политика“, коментира м-р Оливер Андонов од Европски универзитет.

Тој додава дека битката со идеолошкиот противник (колку и да е тој моќен) може да биде полесна од судирот во сопствениот табор - каде што се делат гласовите на стандардните поддржувачи. Од друга страна, според Андонов, тешко е да се очекува предизборно здружување на ОМ и на ВМРО-НП. На ВМРО-ДПМНЕ, пак, и' одговара нивната раздвоеност, бидејќи така се расцепуваат гласовите, па 40 илјади гласа што, на пример, ги доби Народна на локалните избори не би имале големо значење на парламентарните. Нашиот соговорник посочува дека пред Груевски е и предизвикот да ја координира сопствената коалиција, во која има партнери од различни провиниенции.

УТРИНСКИ ВЕСТИ