08 February 2010
Долниот дел тренерки и детските чевли пронајдени кај мариовско Пештани, се идентични на оние кои ги носела малата Ангела на денот кога исчезна од родното село, дознава А1 од извори од истрагата.
Анализите на судска медицина кои треба да го направат ДНК профилот се во тек. Се работи на млечните заби со што ќе се утврди идентитетот на лицето со име и презиме, ни потврдија од институтот.
Анализите на облеката завршиле, негативни биле тестовите за присуство на сперма, крв и плунка. Дополнително ќе се вештачи и пронајдената земја врз облеката, форензичарите ќе утврдуваат дали хемискиот состав, одговара на оној од селото во близина на црквата каде што исчезна девојчето. И МВР чека на резултатите од судска.
„Без оглед какви ќе бидат, ќе бидат многу внимателно разгледани. Јас верувам дека ќе дадат некоја нова насока, доколку се поврзе идентитетот на лицето чии остатоци се пронајдени, со идентитетот на било кое од други исчезнати лица за кои веќе постојат потраги“, изјави Јанкуловска.
Судските вештаци ќе го откријат идентитетот, а на полицијата ќе остане преку истрагата да обелодени кога и како настапила смртта. Детали засега не се откриваат.
Најобемна но и во најголема тајност е истрагата за овој случај. Не се зборува ниту за осомничени ниту пак во која насока се работи.
Полицајци и инспектори секојдневно се присутни на терен околу двете мариовски села. Ангела Георгиоска исчезна во јули минатата година од родното село Дуње, нејзините пријавија дека девојчето било облечена во бела блуза, носела сини тренерки и розови чевли.
ДНК профилот е клучен за идентификација на лица, пронајдената облека дава индиции дека најдените останки на планината најверојатно се од шестгодишното девојче од Дуње.
А1
| < Prev | Next > |
|---|





